Винарската визба „Тиквеш“ соопшти дека досега потпишала 460 договори со лозарите преку кои обезбедила над осум милиони килограми квалитетно грозје од сортите шардоне, ризлинг, темјаника, мерло и каберне совињон.
Првите договори беа склучени кон средината на јуни, повеќе од два месеца пред официјалниот старт на годинашната берба.
-Оваа година го почнавме процесот на потпишување договори со нашите партнери многу порано од вообичаеното. Со ова сакаме да внесеме поголема сигурност и стабилност во целиот процес на соработка и да го зајакнеме партнерството со лозарите, што е наша трајна, стратешка определба, велат од „Тиквеш“.
Визбата е исклучително задоволна од одзивот и комуникацијата со лозарите. Очекува дека до почетокот на бербата ќе бидат потпишани до 2000 договори за деловна соработка.
-Впечатокот од досегашната комуникација со лозарите е дека тие се задоволни од условите што ги понудивме во новите договори, како во делот на количините, така и во делот на условите за плаќање на откупеното грозје. Истовремено, со договорите се дефинираат правилата и целокупниот начин на одгледување и третман на грозјето, што е дополнителна гаранција за висок квалитет, кој е неопходен за производство на врвно вино, велат во „Тиквеш“.
За да се стимулира и одржи највисок квалитет на грозјето, винарницата одлучи да им понуди повеќегодишни договори на лозарите кои произведуваат сорти со највисок квалитет кои се особено ценети на пазарот, како што се темјаника и ризлинг. Истовремено, за грозјето со највисок квалитет кое се преработува во процесот на микровинификација, преку кој се произведуваат премиум вина во ограничени количини, предвидени се и посебни услови за плаќање на откупеното грозје кои се многу пократки од законски дефинираните рокови.