Втора година по ред поради мерките за заштита од Ковид-19 во Пехчево е откажана организацијата на фестивалот „Пехчевски трубадури”. Фестивалот во минатите години се организираше во чест на одбележувањето на заштитниците на градот, светите апостоли Петар и Павле, а годинава, како што најавија од пехчевскиот Дом на култура како продолжение на етно-саемот „Пехчевски Павловден” кој беше составен дел на фестивалот, ќе се одржи изложба на стари ракотворби. – По повод празникот Петровден, Општинската установа Дом на култура „Јане Сандански” – Пехчево годинава ја организира изложбата на традиционални изработки и производи на наши сограѓани. Изработките кои ќе бидат изложени се изработки од волна, дрво, стакло, хартија и платно, со еден збор дела изработени со многу љубов, врвна техника и голем труд, истакнаа од Домот на култура во Пехчево. Од општината посочија дека најголем дел од учесниците се домашни производители на ракотворби. – Меѓу учесниците кои ќе се претстават на изложбата ќе ги напоменеме имињата на Фроска Каракутовска, Зоран Бојчов, Димитар Симовски, Агница Гаштарска Мишевска и Добринка Андоновска Смилкова. Изложбата ќе биде отворена во понеделник со почеток во 10 часот, информираат од Дом на култура „Јане Сандански” во Пехчево. Оттаму упатија покана до сите љубители на уметноста да ја посетат изложбата и да придонесат во одбележувањето на Денот на градот.