Црковниот храм „Свети Петар и Павле" во Кичево денеска традиционално го празнува својот патрон, попознат кај народот како Петровден.
По тој повод храмот во текот на денешниот ден ќе биде посетен од голем број верници. Одбележувањето на празникот почна со утрена богослужба со почеток во 7:30 часот.
-Одбележувањето на патрониот празник на црковниот храм „Свети Петар и Павле" во Кичево започна во 7:30 часот со утрена богослужба што ќе ја отслужат свештеници од кичевското архиерејско намесништво. Во 8:30 часот ќе биде отслужена света арихиерејска Литургија, на која ќе чиноначалствува Митрополитот Дебарско-Кичевски и Плаошки г. Тимотеј. По архиерејската литургија ќе следува водосвет во дворот на храмот и осветување на славскиот колач. Потоа закуска во дворот на црковниот храм организира кумот, кој секоја година на овој ден го превзема кумството од неговиот претходник, рече отец Александар Крстаноски, свештеник и професор на Богословскиот факултет во Скопје.
Инаку, црковниот храм Свети Петар и Павле" во Кичево е осветен пред 111 години, а пред 11 години со голем црковно-народен собир одбележа еден век од осветувањето.
Покрај во градот, денот Петровден го слават и повеќе села во кичевско, а најпознато од нив е село Србјани, каде се собираат голем број верници од самото село, како и нивни роднини и пријатели од други места, а на 500-годишнината од формирањето на селото присуствуваше и првиот македонски претседател Киро Глигоров.