Во Кочани почна изградбата на третата зграда за семејства во социјален ризик, чиј инвеститор е АД за станбен и деловен простор.

Објектот вреден 60 милиони денари е лоциран во населбата Драчевик, непосредно до претходните две згради, а ќе има 34 станбени единици.

Увид во градежните работи, што се реализираат со средства од државниот буџет, направија министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

– Со изградбата на овој објект ќе им помогнеме на семејствата од општина Кочани, кои живеат во социјален ризик, да го решат своето станбено прашање. Рокот за завршување на градежните работи е 12 месеци и очекуваме рокот да биде испочитуван. Освен овде, при крај се градежните работи на социјалните згради во Виница и во Пробиштип, а веќе се завршени ваквите објекти во Свети Николе и Гостивар, а по комплетирањето на административните постапки ќе распишеме јавни огласи за распределба на становите, истакна министерот Бочварски.

Во тек се преговори со Европската банка за обнова и развој за финансиска поддршка на нов проект за изградба на социјални згради, со кој е предвидено од наредната година вакви објекти да се изградат на дваесетина локации во целата држава.

-Изградбата на новата социјална зграда, заедно со проектот за изградба на куќи за семејствата кои живеат во супстандардни услови во Старата касарна, ќе реши голем дел од станбените проблеми на граѓаните од загрозените категории. Сакам да се заблагодарам на ресорното министерство за финансиската поддршка, но и на жителите од населбата Драчевик кои, по неодамнешните протести, имаа разбирање за потребите на нашите сограѓани и се согласија овде да се гради новиот објект, со барање да се почитува јавниот ред и мир, истакна градоначалникот Николчо Илијев.

Во рамки на работната посета на Кочани, министерот Бочварски направи увид и во градежните активности за рехабилитација на дел од коловозот и изградбата на кружни текови на булеварот „Тодосија Паунов“, за што од државниот буџет се инвестираат 12,6 милиони денари.