Кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ потпиша договор со избраната фирма за реализацијата на првата фаза од проектот за гасификација на објектот, соопштија денеска надлежните. Владата преку Министерството за култура обезбеди 2,3 милиони денари за делумна демонтажа и чистење на постоечка инсталација, замена на постоечки вентили со нови на системот за затоплување во големата сала и фоајето.

– Ова е клучен проект за кој добивме средства од надлежните. Потпишан е договорот со фирмата изведувач и се очекува активностите да завршат до крајот на септември, оваа година. Оваа фаза е исклучително значајна, бидејќи се овозможува да се спроведе и втората фаза од целосната гасификација на објектот-изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.

Втората фаза ќе опфати поставување на гасна котларница и приклучување на објектот кон гасоводната мрежа во Куманово. Според пресметките се очекува втората да чини осум милиони денари.

– Но, поради претстојните локални избори се очекува проектот да се спроведе наредната година, поради неможност да се распише тендер, изјави Тодоровски.

Културни манифестации не се одржуваа во центарот за култура по завршување на фестивалот „Денови на комедија“, (октомври-ноември), бидејќи нема затоплување, со што, Центарот за култура со децении губеше продуктивен период за реализација на програмата која опфаќа преку двесте содржини. Матичните форми кои опстојуваат во Центарот мораа да се снаоѓаат со посебно затоплување на просториите за да одржуваат часови.

Центарот е граден 1981 година и зафаќа површина од 4.500 метри квадратни.