Локалната самоуправа на Виница ќе ја реконструриа примарната водоводна мрежа на три улици во централното градско подрачје, за што ќе инвестира 7,6 милиони денари.
Градоначалникот Ивица Димитров го потпиша договорот за финансиските средства што турската компанија „ТАВ Македонија”, во договор со Владата, ги пренамени за реализација на значајни проекти во општините.
-Според договорот, со финансиската поддршка од државата ќе го реализираме проектот за реконструкција на водоводната мрежа на улиците „Христо Узунов“, „Григор Прличев“ и „Партизанска“. Дотраените цевки, стари неколку децении, ќе бидат заменети со нови, со што ќе се избегнат честите дефекти и прекини во водоснабдувањето во источниот дел на Виница. Со оваа инвестиција стопроцентно ќе биде реконструирана водоводната мрежа во градското подрачје, односно веќе ќе нема азбестни цевки. Очекуваме наскоро Владата да го објави повикот за избор на изведувач, по што ќе почнат и работите на терен, истакна градоначалникот Димитров.
Освен во градското подрачје, Општина Виница ја реализира и реконструкцијата на водоводната мрежа во селото Блатец, за што се инвестираат 1,5 милион денари обезбедени од Бирото за регионален развој. Тоа е последното населено место во општината во кое ќе направи замена на азбестните водоводни цевки. Претходно, беше завршено поврзувањето на селото Лески на градскиот водовод, со што е решен повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето за над 230 семејства.