Од вчера официјално на два вакцинални пункта во Општата болница во Гевгелија почна имунизацијата против КОВИД-19 на лицата кои доброволно пројавуваат интерес, без претходно закажување, а од утре официјално ќе почне и теренската вакцинација на лицата од општините Гевгелија, Богданци и Дојран која ќе се одвива до 27 јули.
Како што потврдија денеска од гевгелиската болница, теренските екипи за имунизација ќе работат по населените места во трите општини од југоистокот секој работен ден од 8 до 13 часот, според утврден распоред, при што лицата над 60 години ќе се вакцинираат со „Астра Зенека“, а лицата под таа возраст со кинеската „Синовак“.
-Ги повикувам сите граѓани да ја искористат оваа прилика, бранејќи се од непријателот со кој се соочува светот зашто имунизацијата е единственото оружје против заболување и тешка форма од болеста, начин за нормално функционирање и постепено наше враќање на секојдневниот живот, рече гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков.
Наредните две недели теренската вакцинација во општините Гевгелија, Богданци и Дојран ќе ја вршат здравствени работници од Општата болница во Гевгелија.