Дуото Тренев и Вајс вечерва ќе одржи концерт насловен „KLEZTANGO AND BEYOND“, како дел од програмата на Скопско лето. Концертот ќе се одржи во амфитеатарот „ЕНДАВА“ и е во соработка со Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија и австриска амбасада. Дуото го претставуваат Иван Тренев со хармоника и Морис Вајс на кларинет и бас кларинет.
– „KLEZTANGO AND BEYOND“ е името на албумот во кој кларинетот и хармониката, два најдобри пријатели во светската музика, градат музички дијалог. Хармониката го претставува смеењето, воздишките и ги прати гласните звуци од кларинетот со меки, кристално јасни и ритмички разиграни мелодии. Тренев и Вајс се посветуваат на две прекрасни музички варијации – танго и клезмер и разиграно ги компонираат нивните заеднички мелодии, велат организаторите.
Нивниот деби албум е издаден во април 2019 година од Лотус Рекорд, а летото 2019 година, новосоздадениот бенд учествуваше на Интернационалниот фестивал за хармоника во Виена, како и на турнеи во Источна Европа и Северна Америка.
Кафе Киното вечерва ќе ја има последната проекција, со филмот „Сеќавања од Италија“. Филмот ќе биде прикажан во летното кино „Мирно лето“ на Кинотека на Македонија
Утревечер е предвидена дисперзирана драматика со наслов „Сирота мала богата драма во Кратово“, на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан. Креатор, продуцент и визуелен драматург е Иванка Апостолова Баскар, драмата е во режија на Теа Беговска. Улогите ги толкуваат Емилија Мицевска Трајковиќ, Томе Станковски, видео камера и монтажа се на Михаило Апостолов а фотографиите се на Весна А. Бришкоска.
Вокалниот инструментален концерт насловен „Мелем песна“ на НУ Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ ќе се одржи в петок на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан.
Настапуваат оркестарот, хорот и солистите на ансамблот „Танец“. Директор е м-р Мартин Вучиќ, уметнички раководител – координатор е м-р Бранка Костиќ – Марковиќ, раководител на оркестарот е м-р Дарко Илиевски, а раководител на хорот е м-р Гоце Цоневски.