Градоначалник на Општина Ресен Живко Гошаревски ќе биде кандидат за уште еден градоначалнички мандат од редовите на СДСМ за претстојните локални избори.
По соопштувањето на одлуката од страна на лидерот на партијата Зоран Заев, актуелниот прв човек на Општина Ресен се заблагодари за укажаната доверба и можноста, како што рече, да ја направат Преспа уште поубаво место за живеење.
-Огромно благодарам на претседателот на СДСМ Зоран Заев, за повторно укажаната доверба. Благодарам на моите сопартијци, другари и другарки, сограѓани, благодарам Ресен и Преспа. Сработивме и направивме многу, ќе сработиме уште повеќе. Пред нас претстојат уште многу предизвици, кои со ваша помош заеднички ќе ги решаваме. Нашата Преспа го заслужува најдоброто и ќе го добие најдоброто, напиша Гошаревски на фејсбук.
Лидерот на СДСМ по вчерашната седница на Извршниот одбор ги објави имињата на дел од кандидатите кои ќе се борат во трката за градоначалник на локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава.