Пожарот што вчера попладнето избувна на планината Петрино североисточно од Охрид е под контрола, а пламенот е изгаснат.

Во гаснењето учествувале екипи на ЈП Шумско стопанство „Галичица“ од Охрид, а активно помогнало и месното население од селата Лескоец и Велгошти.

Пожарот зафатил површина од околу седум хектари, претежно нискостеблеста вегетација и шума. Причина за избувнувањето најверојатно е човечки фактор, поради што се апелира граѓаните да внимаваат и одговорно да се однесуваат, особено во овие временски услови кога високите температури се погодни за појава и лесно ширење на пожари на отворено.