Седумте мобилни екипи за имунизација на жителите во населените места во Прилепско продолжуваат со процесот и констатираат дека одзивот е солиден. Досега се имунизирани близу 500 жители.

Денеска екипите ги затекнавме на теренот во прилепското село Мажучиште. На 73 годишната Горица Спиркоска од Мажучиште и олесна, зашто екипата дојде во селото за да се вакцинира. Без тоа, тешко, вели, дека ќе стигнеше до саканата заштита.

– Убаво е што е тука екипата. Јас не може да се движам многу и ако не дојдеа, не знам дали ќе стигнев да се заштитам. Иако сме на крајот од животот, ама многу значи да се заштитиме. Тоа го препорачувам. Со моите дома го прележавме вирусот, помладите се вакцинираа, еве и јас. Желбата за живот е голема, вели Спиркоска.

И помладите жители, иако имаа работа во полето, стигнаа на мобилниот пункт во училиштето. Препорачувата сите да се вакцинираат.

– Дојдов да се вакцинирам. Имаме закана од нов сој, треба да се заштитиме, вели Елизбета Јованоска, жител на Мажучиште.

Според младата лекарка Елена Јосифоска, за два дена вакцинирале во повеќе села.

– Нашиот и другите тимови се на повеќе локации во селата и во Прилепско и во општините Кривогаштани и Долнени. Еве денеска сме во Мажучиште и ќе бидеме и во соседните села: Сенокос, Дупјачани. Одзивот е солиден, вели Јосифоска.

Во Општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени се вкупно преку 100 населени места. Кети Смилеска, директор на приелпската болница со општа на длежност „Борка Талекси“ вели дека ќе се појде во сите села, а има интерес и на регионалниот пункт во градот каде се вакцинира и без закажан термин.

– Оваа недела во планот е да поминеме во населените места, а онаму каде не се доволно информирани, пак ќе дојдеме, а секако и за втората доза за вакцинација. Се зголеми и интересот за имунизација и на регионалниот пункт во Прилеп. Досега таму се вакцинирани околу 20 000 граѓани, од кои 6 000 ја примија и втората доза, изјави Смилеска.