Здравствениот дом во Крива Паланка ги реализира непречено теренската и вакцинацијата во вакциналниот пункт за граѓаните од општината, а од понеделник е планирано вакцинирање и во соседната општина Ранковце. Како што информира директорот на Здравствениот дом, Бранко Стаменковски, дневно во вакциналниот пункт се вакцинираат околу стотина лица. – Непречено се одвива вакцинацијата што ја отпочнавме во понеделникот, со вакцината Синовак. Набавивме 700 вакцини, во вакциналниот пункт од понеделник досега се вакцинираат по стотина граѓани, а ревакцинација се реализира кај педесет до шеесет лица. Истовремено, од понеделник отпочна и теренската вакцинација, понеделник се вакцинирани 40 лица во селата Дурачка Река и Станци, вторник исто околу 40-тина лица се вакцинирани во Дубровница и Луке, а денеска во Жидилово се вакцинирани шеесетина граѓани. Вакцинацијата на пунктот се спроведува во периодот од 7 до 15 часот, за сите лица над 18 години, само со документ за лична идентификација. Во понеделник и вторник е планирано вакцинирање во Ранковце и Герман, изјави Стаменковски. Посочи дека постојано се во координација со надлежните институции за дотур на вакцини и се прават напори за набавка на сите видови вакцини. -Апелирам граѓаните без предрасуди да се вакцинираат во што поголем број, да се заштитат од Ковид 19 и навреме да извршат превенција, додаде Стаменковски.