Општина Виница ја почнува постапката за реконструкција на фудбалскиот стадион и дел од градскиот парк во негова близина, за што денеска објави јавен повик за изработка на техничка документација.

Со проектот е предвидено да се изгради трибина од источната страна, да се постават столчиња и да се покрие постојната западна трибина. Исто така, ќе се изгради и помошен спортски терен на јужната страна од стадионот, а целиот простор ќе добие ново осветлување.

– Целта на оваа реконструкција е да се подобрат условите за реализација на сите спортски и културни активности, со што би се зголемила посетеноста на стадионот, би се овозможила подобра функција на спортските клубови и би се поттикнале рекреативните активности на граѓаните. Во јавниот повик што го објавивме е предвиден и проект за сензорно осветлување на стадионот, како и на градскиот парк од јужната страна. Ваквото осветлување ќе обезбеди поголема енергетска ефикасност, односно помали загуби на енергија и помало светлинско загадување, а истовремено ќе придонесе за модернизација на околниот простор, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Проценетата вредност на целата инвестиција изнесува 900 илјади денари, а средствата се обезбедени преку Бирото за регионален развој.