Во зградата на ЕЛС Македонски Брод, денеска им беа доделени сертификатите на 10 негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост од оваа општина.

Градоначалникот Живко Сиљаноски истакна дека овие сертификати се издадени по спроведена тримесечна обука од страна на стручни лица, педагог, дефектолог, доктор по медицина и социјален работник и спроведено тестирање за проверка на стекнатите знаења.

Со овој проект ќе бидат опфатени 30 лица стари лица и лица со попреченост од општината и секој од десетте негуватели ќе има обвска секојдневно да се грижи за три од овие лица.

-Овој проект подржан со финансиски средства од Меѓународна банка за обнова и развој и ќе трае 15 месеци. Во овој период секој од негувателите ќе има обврска да пружа помош и нега на три лица или вкупно 30 лица во општината ќе бидат опфатени со нега од страна на групата на негуватели, а лицата кои ќе ја добиваат оваа нега ќе бидат определени од страна на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Македонски Брод, додаде градоначалникот и подвлече дека е значајно тоа што добиените сертификати се меѓународно признати и истите важат за западноевропските земји и нагласи дека сите понатамошни активности негувателите ќе ги извршуваат во координација со определен координатор, социјален работник ангажиран преку Црвениот крст на РСМ, ОО Кичево и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Македонски Брод.