По пауза од три години, на Правниот факултат Кичево, дисперзирани студии Струга, повторно ќе се врши упис на нови студенти за претстојната академска година.

Секретарот на Факултетот Гоце Велески нагласи дека оние студенти кои се запишале на пред три години, без проблеми ќе може да ги заокружат своите студии и да се стекнат со звање дипломиран правник.

За претстојната академска година во Струга ќе има два студиски програми – правни студии и политички науки и дипломатија.

-Од оваа студиска година завршените матуранти повторно ќе можат да се запишат и на дисперзираните студии во Струга, што се дел од Правниот факултет со седиште во Кичево.За претстојната академска година ќе може да се запишат 45 студенти на правни студии и 20 студенти на политички науки и дипломатија, што е нова студиска програма на овој факултет од оваа есен, изјави Велески.

Потсети дека за претстојната академска година на Правниот факултет се предвидени три уписни рокови, првиот во август и два во септември.

-Во новата студиска година на Правниот факултат Кичево со дисперзирани студии во Битола и Струга, на идните студенти ќе им стојат на располагање три уписни рокови. Првиот уписен рок е на 30 и 31 август, вториот на 15 и 16 септември, додека третиот и последен уписен рок е на 27 септември. Цената за упис во државна квота идните студенти ќе ги чини 100 евра, додека за вонредни студии цената за дисперзираните студии во Струга изнесува 400 евра за една студиска година, додаде Велески.

Тој рече и дека во последните години интересот за овој факултат е зголемен. Досега имаат дипломирано 1010 студенти, а магистрирале 300. Од пред еден месец од овој факултет го има и првиот доктор на науки.