Претседателката на Косово, Вјоса Османи им се заблагодари на претседателот на САД, Џо Бајден и германската канцеларка, Ангела Меркел за нивната заедничка порака за поддршка на интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина.
На својата официјална страница на Твитер Османи напиша дека, со поддршката од САД и Германија, регионот може силно да се спротивстави на тие кои сакаат да го дестабилизираат.
– Благодарност до претседателот Бајден и канцеларката Меркел за испраќањето на јасната порака за поддршка на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ во нивната заедничка изјава. Со ваша поддршка ние силно ќе се спротивставиме на тие кои сакаат да го дестабилизираат нашиот регион, напиша Османи.
Бајден по средбата со Меркел изјави дека „двете земји нема да отстапуваат од демократските принципи и универзалните човекови права, спротивно на потезите на Кина” и дека „Германија и САД заеднички ќе се спротивстават на руската агресија“.