Неформалната економија има негативни последици врз општеството, работниците и креирањето на политиките во државата, беше заклучено на денешната прес-конференција која се одржа по повод започнувањето со рализација на кампањата за справување со непријавената работа со наслов „За да имаш подобар персонал – грижи се подобро за персоналот“.

Целта на кампањата е подигнување на свеста за негативното влијание на непријавената работа врз економијата и општеството.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека Владата презема системски решенија кои даваат резултати и овозможуваат формализирање на неформалната економија.

– Справувањето со неформалната економија и потребата и значењето да се формализираат тие работни места како за работниците, така и за општеството, се исклучително важни прашања и во регуларни услови, но, тоа е особено важно во услови на ваква сериозна економска и здравствена криза предизвикана од пандемијата Ковид-19“,изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на промоцијата на кампањата.

Осврнувајќи се на почетокот на кризата, министерката Шахпаска потенцира дека Владата, преку економските мерки, успеала да спаси најмалку 80.000 работни места, како и значајно да го ублажи падот на БДП.

-Не беше лесно да се креираат мерки кои ќе ги таргетираат вработените во неформалната економија, бидејќи реално тие не беа дел од системот. И затоа е важна формализацијата на секое работно место, затоа што тоа значи сигурност, извесност, но и начин на заштита на работничките права, подвлече министерката Шахпаска.

Јованка Тренчевска од државениот инспекторат за труд информира дека справувањето со неформалното вработување и соодветната заштита на работниците се предизвик на глобално ниво, побара координиран пристап на сите надлежни институции, како и размена на информации, податоци, соработка со социјалните партнери и граѓанските организации кои работат на заштита на работничките права

Додаде дека во период од јануари до јуни 2021 биле извршени вкупно 8.267 инспекциски надзори, при надзорите од вкупниот број изречени инспекциски мерки донесени биле 42 решенија за исто толку правни субјекти кои се однесуваат на непријавени работници.

Во изминатата година, пак, извршени биле вкупно 19.054 инспекциски надзори, а најголемиот број на инспекции биле поврзани со Ковид-19 односно со почитувањето на мерките, одлуките и препораките од Владата. При надзорите биле донесени вкупно 1.969 решенија, од кои 15 се однесувале на непријавени работници. На работодавачите им биле издадени прекршочни платни налози, само двајца од нив не постапиле и за нив било поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Целиот проект е финансиран од Европската Унија, а на прес-конференцијата присуствуваше и Фреек Јанмаат, раководител на одделот за операции во Европската Делегација во Скопје, кој потенцира дека непријавената работа е проблем на сите и има повеќе негативни последици врз работниците компаниите и општеството.

-Ангажирањето непријавени работници создава нееднакви услови за субјектите на пазарот, а лицата кои од различни причини работат на ваков начин, не можат да ги остварат своите права. За да ја анулираме оваа појава мора заеднички да се заложиме и да создадеме силна системска рамка, рече Јанмаат.

Кампањата се реализира во рамки на проектот на Меѓународната организација на трудот – Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија.