Продолжуваат превентивните акции на Црвен крст Делчево за заштита на населението од топлотниот бран. Со делење шишиња вода денеска волонтери на Општинската организација на Црвен крст вршеа освежување на постарата популација која го посети градскиот пазар во Делчево.
-Сметаме дека овие активности се од особено значење за помош на повозрасната категорија граѓани за справување со топлинските бранови, информираа од Црвен крст Делчево.
Воедно, упатија покана до граѓаните да присуствуваат на Отворениот ден на Црвен крст на кој граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со работата на оваа организација.
-Упатуваме отворена покана до сите заинтересирани на 19 јули 2021 година со почеток од 16 часот да го посетат нашиот штанд во дворот на манастирот ,,Св.Богородица Балаклија” и заедно да се запознаеме со значењето на Црвениот крст, истакнаа од Општинската организација.
Воедно, од Општинската организација на Црвен крст Делчево потенцираа дека со акциите за заштита на населението од топлотниот бран ќе продолжат и во наредниот период.