Жителите на делчевското село Град почнаа акција за расчистување на теренот пред куќата на својот сожител Војчо Анастасов, која пред три дена целосно изгоре во пожар. Иницијативата е на Душко и Боце Ангеловски, иселеници по потекло од ова село, кои ангажираа градежна механизација од приватни фирми од селото, кои помогнаа да се расчистат остатоците од опожарената куќа на Анастасов.

-Ќе се потрудиме што можеме во пократок временски рок да му излеземе во пресрет на Војчо. Ќе гледаме колку може да биде поекспедитивно. Првата фаза беше најважна и затоа благодарност до сопствениците на градежните машини што ни ги преотстапија за да може работата да се заврши во најкраток можен рок. Мислам дека реагиравме навреме, од селото сме и христијански и човечки е да си помагаме, рече иселеникот Боце Ангеловски.

Неговиот брат Душко Ангеловски додаде дека планот понатаму е да се изгради пристоен дом за Анастасов.

-Планот е да се продолжи да се работи, да се заврши се што се може, зошто ако не се почне веднаш, така и ќе остане. Има најави од иселениците за донации, се е организирано, за вода, градба, материјал. Во рамки на изградбата планирана е соба, купатило, кујна, со еден збор ќе се изгради пристоен објект за еден нормален живот. За останатото – кој може нека донира, мебел, кревет, перална, кој што има, со тоа може да учествува, рече Ангеловски.

Изминатите неколку дена Војчо Анастасов, како што самиот кажа, спиел под ведро небо. Изрази огромна благодарност за помошта во храна, облека и пари кои пристигнале од повеќе хумани граѓани.

-Сите ми помогнаа – нема што, имам помош во леб и алишта. Градоначалникот ми помогна, едни луѓе од Ново Делчево доаѓаа и ми донесоа некои работи. Сега ќе бидат потребни плочки, градежен материјал, цевки, кој сака да помогне го замолувам да ми помогне, рече Анастасов.

Следен чекор според иселеникот Ангеловски е отворање банкарска сметка на која ќе може да донираат хуманите граѓани, додека првата недела по празникот Илинден, во рамки на иселеничката средба, според најавите ќе пристигне и останатата помош од иселениците кои во август се враќаат во родното место.