Согласно Конкурсот, за академската 2021/2022 година за студентите се обезбедени 77 легла за студентите од прва година, а 308 легла се предвидени за студенти од втора, трета, четврта, петта и шеста година, како и апсолвенти.

Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година, потоа осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.

Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава и ја доставуваат потребната документација според конкурсот во студентскиот дом „Кочо Рацин"-Битола.

Рокот за пријавување на студентите од втора година и повисоките години почнува од 26.7.2021 година и трае до 20.8.2021 година, а рокот за пријавување на студентите од прва година почнува од 06.9.2021 година и трае до 24.9.2021 година.

Според конкурсот, распределбата на вкупниот број на расположиви места во домовите се врши со провентуална распределба, односно прва група или 40 отсто вкупниот број на расположивите места во домовите се за студенти за кои вкупните приходи во семејството се до нето минималната плата утврдена во Република Македонија. Станува збор за студенти деца без родители и родителска грижа, деца со посебни потреби, деца на корисници на социјална парична помош и постојана парична помош, деца на самохран родител, деца на невработени родители и деца на корисници на надоместок по основ на престанок на работен однос од деловни причини. Во првата група спаѓаат и студенти за кои вкупните приходи во семејството се над нето минималната плата утврдена во Република Македонија и тоа за студенти деца без родители и родителска грижа, деца со посебни потреби, деца на самохран родител, деца на невработени родители, деца на корисници на надоместок по основ на престанок на работен однос од деловни причини.

Втора група или 25 проценти од вкупниот број на расположивите места во домовите се за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето, а во третата група или 35 насто од вкупниот број на расположивите места во домовите се за редовни студенти запишани на прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовните установи во Република Северна Македонија, патем од вкупниот број расположиви места во студентските домови, 20 отсто се обезбедуваат за студенти, кои за прв пат ќе бидат запишани на прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Македонија.

Конечниот список за прием на студентите од втора година и повисоките години ќе биде објавен на 30.8.2021 година, а конечниот список за прием на студенти од прва година ќе биде објавен на 30.9.2021 година на огласната табла во студентскиот дом „Кочо Рацин"- Битола.