Приоритет на Владата е подобрувањето на пожарникарските услуги, како јавен сервис на граѓаните, порача министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на поставувањето камен темелник за изградба на новиот Противпожарен дом во Свети Николе, на кое присуствуваа градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски и пожарникарите.
-Потребата за современ, модернизиран и рационален објект е услов, кој треба да одговори на сите поставени функционални барања на пожарникарската дејност. Оваа модерна зграда ќе го обезбеди, токму тоа, рече Бочварски.
Светиниколскиот градоначалник, Велковски истакна дека пожарникарите ќе добијат нов Противпожарен дом благодарение на големата донација од Амбасадата на САД, како и Инженерската команда на морнаричките сили на САД во износ од 450.000 долари.
-Ја користам приликата во името на граѓаните на Општина Свети Николе да упатам јавна благодарност до сите, што ни излегоа во пресрет за реализација за овој за нас значаен капитален објект, посочи Велковски.
Рокот за изградба е една година, но верува дека Противпожарниот дом ќе биде изграден пред рокот.
Командирот на Противпожарната станица во Свети Николе, Зоран Салтиров нагласи дека изградбата на новиот дом за 16 пожарникари ќе значи современи услови за работа и обука. Старата зграда, која беше на истата локација, а сега е урната, била изградена во 80-тите години на минатиот век, но без никакви стандарди.
-Опремата и возилата ни се по никакви стандарди се случува возилото да отиде на пожар, но да застане, па бараме мајстор да го поправиме и бараме друго возило за да интервенираме на терен. Сега, благодарение на градоначалникот и на неколку луѓе во градот очекуваме овие денови да пристигне возило од Словенија, а наредниот месец да стаса и возилото од Англија, со што ќе се подобри возниот парк, посочи Салтиров.
Свети Николе ќе добие современ Противпожарен дом, а истовремено и тренинг центар. Градоначалникот Велковски вели дека изградба на Противпожарната станицата ќе биде по сите меѓународни стандарди, а обврска на локалната власт е да го опреми Противпожарниот дом. Општина Свети Николе од сопствениот буџет ќе набави и еден нов теренски џип за пожарникарите.