Најновите настапи на високи српски функционери, особено на министерот за внатрешни работи Александар Вулин, се повеќе ја изолираат Србија од регионот и ја оддалечуваат од посакуваната цел – членство во ЕУ, соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права, пренесе Н1.
Организацијата смета дека вчерашното одбележување на 13-годишнината од основањето на Движењето на социјалистите (ПС) на Александар Вулин „очигледно беше еден од првите предизборни митинзи за претседателските избори следната година“.
„Тоа што загрижува се пораките испратени од овој собир, на кој присуствуваше и претседателот Александар Вучиќ, кој не се огради од нив“, се наведува во соопштението.
Вулин вчера изјави дека „задачата на оваа генерација политичари е создавање на српскиот свет, да се обединат Србите каде и да живеат“, што е теза која тој „ја споменува секогаш кога ќе се појави можност“, наведуваат од Хелсиншкиот комитет.
„Пораката на собирот секако не е само обединување на сите Срби во една држава, туку и дека само политиката на Александар Вучиќ може да ја зачува таквата Србија. Ваквиот отворен извик на воена политика е насочен кон сите соседи, а тоа е исто така тест за тоа колку далеку може да се оди во дадените меѓународни околности, односно колку долго меѓународната заедница ќе го толерира таквото однесување“, се наведува во соопштението.
Хелсиншкиот комитет наведува дека „дрската провокација на регионот и светот многу потсетува на однесувањето на Слободан Милошевиќ, кој со години успеваше на терен да го стави светот пред готов чин“.
„Затоа ја повикуваме меѓународната заедница да постави црвени линии кога станува збор за границите на Балканот и да ги конкретизира своите веќе најавени политики за санкционирање на сите кои го дестабилизираат регионот“, соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Како што јави допсиникот на МИА од Белград, ваквите изјави Вулин, кој е актуелен министер за внатрешни работи, наидоа на реакција кај српската опозиција, а реагираше и министерката за надворешни работи на БИХ, Бисера Турковиќ, која побара од српскиот претседател Александар Вучиќ веднаш да се огради од изјавите на Вулин за „обединување на српскиот свет.“
Таа додаде дека изјавата на Вулин, во која тој „децидно кажа дека обединувањето на Србите значи единствена држава“, претставува „флагрантно кршење на Дејтонскиот мировен договор, дестабилизација на целиот регион на Западен Балкан и кобна закана за граѓаните на Босна и Херцеговина кои се бранеа пред 26 години „од агресија и геноцид“.