Во штипскиот Здравствен дом од денеска почна имунизацијата за младите од 12 до 18 години, за што пријавени се вкупно 38 лица. Дијана Коцева-Миланова одговорен лекар за вакцинација против коронавирусот во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ вели дека денеска во регионалниот пункт „Јордан Мијалков“ во тек е и обуката на медицинскиот кадар од здравствените домови од источниот регион за аплицирање на вакцината „Фајзер“.

-Во Штип се пријавени 38 деца на возраст од 16 до 18 години, има доволно вакцини. Различна е мотивацијата за вакцинирање, некои се мотивирани од здравствени причини, некои имаат хронични болести и е препорачано вакцина. Претежно мотивацијата кај граѓаните за вакцината „Фајзер“ е за патување во странство, вели Коцева-Миланова.

Во вакционалниот пункт во Здравствениот дом, освен младите, без закажување се вакцинираат и повозрасните граѓани. Младите велат дека сакаат да се вакцинираат, со цел да си го заштитат здравјето, но и да патуваат во странство.

Во регионалниот пункт во салата „Јордан Мијалков“-Штип се врши само ревакцинирање на граѓаните, а ќе биде затворен до крајот на месецот. Прва доза на вакцина се прима само во штипскиот Здравствен дом, а во тек е и теренската вакцинација, која треба да заврши до крајот на неделава.