Меѓу жителите на општините Дебар и Центар Жупа се зголемува интересот за имунизација против Ковид-19, потврдуваат од вакциналниот пункт во Дебар.
– Процесот се одвива нормално без никакви проблеми. Интересот се зголемува, како кај жителите од општина Дебар така и од Центар Жупа. Повеќе од јасно им е дека вакцинацијата е единственото средство да се заштитат од опасниот вирус, додаваат од пунктот, кој функционира во модуларната болица.
Посочуваат дека досега во двете општини вакцинирани се над 3.600 граѓани, од нив над илјада во вакциналните пунктови во Скопје и во Охрид.
Што се однесува до епидемиолошката состојба, по еден подолг период моментно има четири заразени лица, од нив тројца во последните три дена.
Еден од нив е хоспитализиран во Ковид центарот при интерното одделение во Општата болнца со проширена дејност во Дебар, додека тројца се лекуваат во домашни услови. Сите тие биле невакцинирани.
Од таму апелираат до граѓаните да не се двоумат, туку да дојдат и да се вакцинираат, за што не е потребно закажување термин. Порачуваат до сите да бидат внимателни, да носат заштитна маска во затворен простор и да одржуваат хигиена.