Во Општина Кичево од минатиот понеделник откако започна теренската вакцинација на населението во сите општини во земјава, до денеска се вакцинирани над 800 жители од руралните средини.

Нивниот интерес и понатаму е висок и се очекува до крајот на оваа кампања 3 август, интересот да биде на највисоко ниво, нагласи Милица Ѓореска, главна сестра во Здраствениот дом Кичево.

-Од почетокот на теренската вакцинација што започна минатот понеделник. до денес се вакцинирани над 800 жители во повеќе селски населби. Се вакцинираат полнолетни лица кои изразиле желба да се вакцинираат. Денес по распоред ги посетивме селата Колари, Тајмиште, Мидинци и Букојчани, а утре ќе го посетиме најголемото село во Општината Зајас, истакна Ѓореска.

Таа посочи дека од големината на селата зависи и нивниот дневен опфат.

-Бројот на села кои ги поминуваме во текот на еден ден зависи од нивната големина, помали села во еден ден поминуваме и по 3-4, додека за поголемите села е обезбеден целодневен термин. Изминатиов период при теренската вакцинација имунизиравме по 150 лица дневно, со исклучок на денешниот ден , кога поради празникот Курбан Бајрам, одѕивот беше нешто помал-, додава Ѓореска.

Таа напомна дека во градот интересот за вакцинација е константен и секојдневно се вакцинираат од 250 до 300 пациенти.

-Во Здравствениот дом во Кичево интересот за вакцинацијата кај локалното население е константен и секојдневно се вакцинираат од 250 до 300 граѓани со кинеската вакцина „Синовак“. Очекуваме и во понатамошниот период од месец јули да имаме добар одѕив на граѓаните, со што ќе го зголемиме вкупниот број на имунизирани лица во општината. Инаку само во текот на изминатава недела во градот и селата првата вакцина ја примија над 2 500 граѓани, подвлече главната сестра.

Појасни дека вакцинацијата на деца од 12 до 18 години ќе започне во среда (21 јули), а до почетокот на оваа работна седмица имало пријавено над 30 млади лица, кои изразиле желба да ја примат првата вакцина на Фајзер.