Над 500 потписи собраа жителите од Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци во петицијата со која бараат поврзување на нивните села со јавниот градски превоз до Кочани.

Писмената иницијатива веќе ја доставиле до општинската администрација и до Советот на Општина Кочани, а во образложението стои дека на тој начин ќе се обезбеди редовен, поевтин и достапен превоз за околу 1.500 жители од трите населени места.

– Линискиот превоз во Кочани успешно функционира веќе осум години, а една од станиците на градскиот автобус е во зоната Лесна индустрија кај Подлошка крстосница, што е на само еден километар од Горни Подлог. Сметаме дека продолжувањето на линијата до нашите села не би требало да биде поголем проблем. Со тоа ќе се обезбеди лесен превоз на месното население до градот, особено за повозрасните лица кои имаат потреба од лекарски и други услуги, истакна Ружа Стојмилова иницијаторка на петицијата.

Од Локалната самоуправа на Кочани информираа дека барањето со петицијата е примено и тоа е прифатено како добра граѓанска иницијатива. За нејзина реализација од финансиски аспект не постојат пречки, односно од општинскиот буџет можат да се издвојат средства за субвенционирање на возниот билет.

– Ние сме подготвени да субвенционираме 50 отсто од цената на билетот, како што тоа и сега се прави во градскиот линиски превоз. Сепак, пред донесување на одлуката за проширување на линијата неопходни се извесни технички усогласувања. Превозникот треба да обезбеди соодветна сообраќајна дозвола за продолжување на линијата, да се определат точните локации за постојките, да се утврди возниот ред од аспект на економската оправданост и слични детали, што треба да се разгледаат во соработка со сообраќајната инспекција и со службите во МВР, истакна Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.

Линискиот градски превоз во Кочани почна да функционира кон крајот на 2013 година, при што освен поголемите градски населби, со него е поврзана и приградската населба Оризари. Цената на еден билет е 10 денари, при што останатите трошоци кон превозникот се покриваат од општинскиот буџет.та/вј/