Секторот за инспекциски работи на Општина Центар од почетокот на јули почна со акција за мерење на бучавата од гласна музика на угостителските објекти, кои се наоѓаат на територија на општината.
Притоа се констатирани повисоки од максимално дозволените гранични вредности по 23 часот, на два локали, Мош и Макка.
– Изминатите два викенди овластените инспектори за животна средина беа на терен и заедно со претставници на овластена лабораторија за мерење на бучавата, вршеа засилени контроли во угостителските објекти, соопштија од Општината.
Оттаму посочуваат дека по извршените мерења, констатирани се повисоки вредности од максимално дозволените гранични во ноќен период, по 23 часот, а на два локали, Мош и Макка, им се издадени решенија за преземање мерки за намалување на вредноста на имисионото ниво на бучавата во животната средина.
Општина Центар апелира до сите управители и сопственици на угостителски објект во Општина Центар, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина.
Во спротивно, како што се наведува во општинското соопштение, за сите измерени надминувања на граничните вредности на бучава, ќе се преземат законски пропишаните мерки и ќе бидат изречен поригорозни санкции, во согласност со Законот за заштита од бучава во животна средина.