Граѓански активисти на неколку локации во Тетово поставија „Мапа со подземни контејнери“ со цел да им укажат на локалните власти на потребата од долгорочно решение за промена на практиките и навиките за управување со отпадот во општина Тетово. Исто така, на граѓаните им беа поделени и летоци со мапата, со повик секој да придонесе за почисто маало, почист град и почиста иднина.

– Тетовската мапа со „подземни контејнери“ е поставена во центарот на градот, со цел да се промовира „користењето на подземните контејнери“ во иднина. Мапата ги прикажува локациите каде што треба да се поставени овие контејнери во Тетово, велат од невладината организација „Мултикултура“.

На ваквиот чекор активистите се одлучиле гледајќи ги секојдневно сликите со купишта отпад речиси во сите населби низ градот.

-Нема решение за отпадот во Тетово! Насекаде низ градот може да се забележат фрлени отпадоци, а постојат места како црни точки што се создадени од несовесните навики и постапки на граѓаните. Една од нив е просторот предвиден за голем контејнер пред православните гробишта каде што луѓе од други делови на градот, но и од селата, оставаат смет, па дури и мебел, апарати и градежен шут. Такви места се и Саат Маало, Колтук, Горна Чаршија, Студентска Населба, Ајдучко Маало, стариот градски стадион, недоградената спортска сала кај спортскиот центар и коритото на реката Пена, велат од „Мултикултура“.

Акцијата „Тетовска мапа со подземни контејнери” е спроведена од Здружение Мултикултура- Тетово, со поддршка од Фондација Отворено општество – Македонија.