Од денеска 12 ликовни уметници и скулптори од Македонија и од Србија ќе создаваат дела во рамките на 13-тата ликовна колонија „Дрен 2021“. Колонијата по едногодишната пауза поради пандемијата, ја продолжува работата со создавање дела како трајно културно наследство.

На вчерашното отворање на Колонијата во Центарот за култура „Марко Цепенков“, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски им посака творечка работа на уметниците.

– Убаво е да се видат уметниците во Колонијата која ја продолжува традицијата. На уметниците им посакувам инспирација и убаво творење, рече Јованоски.

Марјан Стојаноски, скулптор и учесник во колонијата, воедно раководител на ликовната дејност во Центарот за култура „Марко Цепенков“ со нескриено задоволство нагласи дека е посебна радоста по тешка година да дојдат уметниците да творат и да го продолжат уметничкото заедништво.

– Мило ми е што, по тешка и неизвесна година се собравме, да може да се дружиме, да твориме, да ги создаваме нашите дела на платната и како скулптури. Ќе ги збогатиме и Центарот за култура, и градот Прилеп, а ние ќе бидеме многу духовно поисполнети, рече Стојаноски.

Јасмина Станкоска, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“ нагласи дека е добро за уметноста што продолжува ликовната колонија Дрен.

– Оваа Колонија веќе е во втората деценија и со години на едно место ги собира уметниците од земјава и од странство и зад себе има околу 350 дела кои остануваат како културно наследство. Тоа е големо културно богатство, а пак ќе има креативна мисла и творечки дух, рече Станкоска.

На Колонијата своите дела ќе ги создаваат: Мирослав Живковиќ и Снежана Малетин од Србија, Мирјана Крстева Масети, Александра Петкова-Џијанели, Буба М. Солак, Драган Најденовски, Новица Трајковски, Владимир Темков, Тони Чатлески, Стефан Малбашиќ, ликовни уметници и скулпторите Слободан Милошески и Марјан Стојаноски.

Колонијата „Дрен 2021“ е отворена до петок, а потоа уметниците ќе ги претстават своите дела на заедничка изложба.