Во подрачното училиште во село Моин, кое работи во состав на Оновното училиште „Крсте Мисирков“ од Гевгелија, со сопствени средства почнаа активностите за целосно оградување на училиштето и за хортикултурно уредување на дворната површина, соопштија од гевгелиското училиште.
Директорот Михаил Петров посочи дека со оваа активност ќе заврши проектот за целосна реконструкција на училишниот објект кој почна пред една година со цел да се подобрат условите за настава и пријатен престој на учениците.
–Минатата година проектот почна со реконструкција на покривот, следуваше поставување изолација и обнова на фасадата. Внатрешно во училишните простории беа извршени молерофарбарски работи, беа набавени потребните уреди за настава и комплетно беа реновирани санитарните јазли, со што на учениците и наставниците им обезбедивме услови за непречена работа, рече Петров.
Изминатава учебна година, во услови на ковид-пандемијата, во подрачното училиште во Моин наставата се реализираше со физичко присуство на учениците.