И годинава испораката на огревно дрво за кичевските пензионери е под очекуваното ниво, бидејќи се ветуваше до средината на летото дрвата во целост да бидат испорачани.Но според изјавата од Здружението на пензионери од Кичево, досега се испорачани едвај 30 проценти од договорените количества огревно дрво.
-Иако на почетокот од оваа календарска година добивме цврсто ветување од Шуското стопанство„ Лопушник“ како добавувач дека годинава нема да се повтори ланската година, кога испораката се одолжи до крајот на октомври, туку до средината на август дрвата во целост ќе бидат испорачани. Но според досега сработеното, има испорака на само 30 проценти од планираните количества, вели Владо Велјаноски од Здружението на пензионери од Кичево.
Тој ги посочи причините со кои се соочува „Лопушник“ и кои се главниот фактор за задоцнетата испорака на огревното дрво.
-Проблемите со кои моментално се соочува испорачателот и кои се причина за ненавремената испорака на огревното дрво се следните. Тие потенцираат дека најголем проблем им претставува дотур на дрва од шумата поради откажување на некои од вработените дотурачи. Втора причина е малиот број камиони кои им стојат на располагање и ветуваат дека наскоро ќе обезбедат камион од Македонски Брод и ќе можат во релативно пократок рок да извршат целосна испрака на огревно дрво за нашите членови, кои во нешто помал број се пријавија да набават дрва на рати разочарани од она што им се случи ланската година година, додава Вељаноски.за/лв/