Од утре до 27 јули на територијата на општина Чешиново-Облешево ќе се реализира ларвициден третман против комарците, при што ќе се прска од земја.
Носител на активноста е Министерството за транспорт и врски, во рамки на превентивната дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци, за што се инвестираат над шест милиони денари.
-Според однапред изготвениот план, треба да се изврши дезинсекција против ларви на комарците на околу 2.000 хектари. Главно површините се во близина на оризовите полиња кои се легла на инсектите, како и во близина на населените места Лепопелци, Новоселани, Жиганци, Соколарци, Спанчево, Бања, Уларци, Чешиново, Облешево, Бурилчево, Кучичино, Чифлик и Теранци, истакнуваат од општинската администрација на Чешиново-Облешево.
Надлежните служби ги известуваат пчеларите дека во деновите додека трае третирањето треба да преземат соодветни мерки за заштита на кошниците со пчели, заради можноста од влијание на средството со кое се врши третирањето врз безбедноста на пчелните семејства. Во случај на врнежи од дожд прскањето ќе биде одложено за наредниот ден.
Покрај Чешиново-Облешево, во кампањата се вклучени и општините Охрид, Струга, Дојран, Ресен, Крушево и Берово, а ќе ја реализира фирмата „Приматекс“ од Скопје, која минатата недела склучи договор по добиената тендерска постапка што ја распиша Министерството.