Лидерите на политичките партии ЛДП предводена од Горан Милевски и на ДОМ предводена од Маја Морачанин, вечерва во Битола го претставија граѓанското движење на Центарот, кое на претстојните локални избори ќе настапи под мотото „Излези од маглата“

Според првиот човек на ЛДП Горан Милевски, движењето е формирано за да им се понуди нешто ново на граѓаните што не било понудено во изминатите 30 години.

„Тука сме да го промовираме ова ново граѓанско движење на Центарот кое што сака на граѓаните да им понуди нешто различно и кое не било понудено во изминатите 30 години. Битола тапка во место, двете големи партии се менуваат но незадоволството кај граѓаните расте и гледаме дека граѓаните се повеќе се исселуваат од градот бидејќи тука не гледаат песрпектива. Нашата парола е „Излези од маглата“ затоа што сакаме на граѓаните да им понудиме визија. Не конкретни проекти туку визија за тоа како ја гледаме Битола во наредните 10 години и со што треба да се занимаваме во наредните 10 години и заеднички да донесеме стратегија без разлика кој е на власт“, изјави Милевски. На промотивниот настан Милевски наброи дека на Битола и недостигаат луна парк, затворен базен, пешачки патеки, а тоа како што рече се работи кои не може да се направат во еден мандат и затоа ние нудиме визија за Битола за наредните 10 години.

Претседателката на политичката партија Демократска обнова на Македонија-Дом, Маја Морачанин акцентираше дека ќе бидат фокусирани на еколошките планови и обновливи извори на енергија затоа што локалната самоуправа може многу да направи.

„Локалната самоуправа може да субвенционира, да им се помогне на граѓаните своите објекти да ги направат енергетски ефикасни, како и зградите на јавните претпријатија и да им се помогне на бизнисмените да поставуваат фотоволтаици со што ќе добиваат струја бесплатно“, изјави таа. На новинарско прашање дали очекува партијата на Павле Трајанов да се вклучи во движењето, таа потсети дека тој сеуште не донел одлука дали ќе се приклучи или не, но, рече Морачанин, ние сме подготвени за соработка со сите политички партии кои припаѓаат на Центарот, со кои имаме слични програмски приоритети и со граѓанските активисти и експерти.