Високиот судски совет на Бугарија денеска ќе го разгледа предлогот на министерот за правда, Јанаки Стоилов, за предвремено ослободување од функцијата на главниот обвинител Иван Гешев, јавија бугарските медиуми.
Како што потсетува дописникот на МИА во Софија, вршителот на должноста министер за правда, Јанаки Стоилов, пред една недела соопшти дека добил информација од министерот за внатрешни работи, Бојко Рашков, за сторени прекршувања на процедурите од главниот обвинител на Бугарија. Тогаш министерот Стоилов кажа дека има податоци за постапување и непостапување на главниот обвинител, што претставува сериозно кршење на службените должности и дејствија што му штетат на имиџот на правосудството. Таквите околности се: откривање на податоци од предистражни постапки селективно и тенденциозно, како и јавни изјави и коментари кои покажуваат пристрасност и предрасуди и ја нарушуваат презумпцијата на невиност.
Министерот Стоилов коментира дека сега е време Високиот судски совет да покаже независност и да го отстрани од функцијата бугарскиот главен обвинител. Меѓутоа, ако тоа не се случи, прашањето може да се разгледа од новоизбраниот парламент на Бугарија.
Мандатот на главниот обвинител на Бугарија е седум години. Иван Гешев ја презеде функцијата во јануари 2020 година. Доколку се изгласа предлогот, Гешев ќе биде првиот главен обвинител отстранет од функцијата.