Здравствениот дом во Македонски Брод од денеска ќе врши вакцинација со „Фајзер“ на лица помлади од 45 години и од 12 до 17 години. Ова воедно ќе биде и прва употреба на „Фајзер“ во овој град, каде досега жителите се вакцинираа со „Синивак“ и „Астра Зенека“.

-Првпат во нашиот Здравствен дом ќе вршиме вакцинација и со „Фајзер“.За оваа прилика имаме набавено 50 вакцини, од кои 30 се потрошени во текот на денешниот ден, кога се имунизираа лица кои се пријавија преку Мој термин и се на возраст до 45 години. Поради специфичноста на чување на вакцината на „Фајзер“, мора да бидеме сигурни колку лица ќе се вакцинираат во текот на денот, за да можат целосно да се искористат овие вакцини, вели Жарко Симески, директор на Здравствениот дом, и посочи дека од денеска со истата вакцина ќе се вакцинираат и лица од 12 до 17 години и наведе дека интересот на најмладите бил слаб и за денеска има пријавено само три лица.

Симески потенцира дека продолжува и теренската вакцинација во општината и засега се обработени 30 проценти од селата во општината.

– Од 12 јули кога започна теренската вакцинација на населението во нашата општина од руралните средини, досега се вакцинирани 310 лица и очекуваме и натаму одзивот за вакцинација да биде на посакувано ниво. Теренската вакцинација ја вршиме со вакцината на „Синофарм“ и засега нема регистрирано лица со компликации од вакцината, изјави Симески и потенцира дека поради слабиот интерес во Општина Пласница, екипата што вршеше вакцинација во оваа општина се повлекла од терен по првата недела.

– Поради малиот интерес на жителите на Општина Пласница, по првата недела ја повлековме екипата од терен и истата продолжи со вакцинација во Здравствениот дом, каде секојдневно шест дена во неделата врши имунизација на месното население, вели тој.

Во оваа општина паралелно се врши и ревакцинација со кинеската вакцина на „Синовак“ на лицата кои пред три седмици ја примиле првата вакцина од истиот производител.