Екипи на Територијалната противпожарна единица од Кочани претпладнево имаа нова интервенција за гаснење пожар на истата локација кај Фабриката за вода, каде што вчера попладне интервенираа во локализирањето на огнената стихија.
Пожарникарите забележале дека новиот пожар е намерно предизвикан со палење автомобилски гуми, поради што била побарана и полициска поддршка.
– Очгиледно е дека се работи за намерно предизвикување опасност и штета на природната средина, при што загрозени се и куќи и други објекти во близина на Фабриката за вода. На истата локација интервениравме и вчера попладне со четири возила и шест пожарникари, а на помош дојдоа и колегите од Виница. Пожарот зафати борова шума, а силниот ветер брзо го прошири во правец на градот и со натчовечки напори успеавме да спречиме поголема материјална штета. Од утрово две наши екипи повторно се на истото место, откако добивме пријава дека се запалени автомобилски гуми и е зафатен дел од шумата, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.
Во исто време со пожарот во Кочани, пожарникарите имале и интервенција за гаснење неожнеани земјоделски површини во атарот на селото Бања, во општина Чешиново-Облешево. Притоа изгореле над 10 хектари засеани со пченица, а пожарот бил локализиран за два часа.
Во апелот до граѓаните, Паунов предупреди и на законските одредби за казни кон лицата кои намерно предизвикуваат пожари, за што веќе имаат обезбедено материјални докази.та/лв/