Косовската претседателка Вјоса Османи, по повод годишнината од пресудата на Меѓународниот суд за правда (МСП), со која се призна правото на Косово да прогласи независност, ги повика земјите кои не ја признале Република Косово конечно да го сторат тоа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на нејзината страница на Твитер, Османи порача дека со пресудата на МСП, донесена на денешен ден 2010 година, независноста на Косово стана „неповратна реалност“.

– Пред 11 години МСП одлучи дека нашата независност не го прекрши меѓународното право. Време е земјите кои се уште не го сториле тоа да ја признаат таа неповратна реалност. Република Косово е тука за да остане: суверена, независна, демократска и мирољубива. Заекогаш ќе биде така, напиша Османи. По повод годишнината од одлуката на МСП се огласија и други личности од политичкиот живот во земјата, меѓу кои и премиерот Албин Курти, кој потсети дека по таа одлука ОН усвои резолуција со која се бара од Приштина и Белград да поведат дијалог за мир и решавање на меѓусебните спорови.

Курти преку неговиот Твитер порача дека дијалогот во Брисел меѓу Косово и Србија е „за статусот на односите меѓу двете земји“.

Највисокиот правен орган на ОН, на 11 јули 2010 година, по претходното барања на Србија да ја оцени законитоста на Декларацијата на косовските институции од февруари 2008 година за прогласување независност на државата, пресуди дека „Декларацијата … е во целосна согласност со меѓународното право“.

„За“ одлуката гласаа 10, а „против“ беа четворица судии на МСП.