Пленумот на Врховниот судски совет по шестчасовна седница го остави без разгледување како недозволив предлогот што го поднесе техничкиот министер за правда Јанаки Стоилов за смена на главниот обвинител на Бугарија Иван Гешев.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, за овој предлог биле 12 членови, а осуммина биле против. На почетокот на седницата, Јанаки Стоилов рече дека темата за разрешување на бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев е тест за членовите на Врховниот судски совет и нивната независност.

За време на сослушувањето, Иван Гешев изјави дека нема да поднесе оставка од функцијата главен обвинител и додаде дека потегот против него е несоодветен и нелегален документ.

По седницата, техничкиот министер за правда на Бугарија коментираше дека прашањето за главниот обвинител Гешев ќе се префрли во Националното собрание. Гешев не одговори на новинарско прашање дали ќе го заврши до крај својот седумгодишен мандат.

Во текот на целиот ден пред зградата на Врховниот судски совет имаше протест на граѓанското движење „Борец“, кое презентираше петиција за смена на Иван Гашев.