Со полагање цвеќе пред споменикот на загинатите струмичани од големиот пожар кој избувна над Струмица и притоа загинаа четири лица, а десетина беа повредени, беше одбележана деветгодишнината од овој трагичен настан.

Во пожарот животите ги загубија браќата Пено Стојанов и Блажо Стојков од село Рич, Војо Гркљанов од село Вељуса и Мите Ѓеоргиев од Струмица.

-Четворица наши сограѓани загинаа спасувајќи го градот, спасувајќи ги имотите на нашите луѓе и за жал тоа го платија со своите животи. Денес се сеќаваме на нивната храброст и на нивната пожртвуваност и тоа нека биде предупредување вакви немили настани да не се случуваат, бидејќи тогаш човечкиот фактор беше причина за една таква трагедија, изјави градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Во чест на загинатите Општина Струмица подигна споменик, дело на рускиот скулптор Глигориј Потоцки.

Одбележувањето на деветгодишнината од големиот пожар над Струмица продолжува попладне со положување цвеќе на местото на пожарот, кај месноста „Двата Пата“.