Почна изградбата на брана на река Отиња, шест децинискиот сон на штипјани. Претседателот на Владата, Зоран Заев, вицепремиерот, Љупчо Николoвски, нинистерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов и официјално го означија стартот на градбата, што ќе се одвива во наредните две и пол години.

Премиерот Заев истакна дека оваа е капитална инвестиција, а ја покрена поранешниот градоначалник, а сега министер за транспорт и врски, Бочварски.

– За само две и пол години општината направи подвиг за реализација на проект заглавен во процедури децении наназад. Општината го подготви основниот проект со изработка, ревизија, студија за оценка на влијанието на животната средина, изработен и усвоен Детален урбанистички план, како и позитивно мислење од Институтот за земјотресно инжинерство и инжињерска сеизмологија. Потоа следеше и тендерската постапка од страна на Министерството. Инвестиционата вредност на градбата изнесува 306 милиони денари согласно склучените договори за изградба и надзор, рече Заев.

Средствата се обезбедени во Буџетот на МТВ за период од 2021 до 2023 година, а рокот на изведба е планиран и изнесува не повеќе од 30 календарски месеци или две и пол години. Со проектот е предвидено да изведе камено земјена брана со централно глинено јадро со висина од 33 метри.

– Придобивките од оваа инвестиција се огромни, се бројни. Браната на река Отиња на Штип ќе му донесе промена на климата, заштита од градот, од поплави, но и место за рекреација. Ќе се намалат високите летни температури, но и ќе влијае и на зголемување на зимските температури. Дополнително се создава биолошки минимум во коритото на реката Отиња, а ќе се користи и за наводнување на зелените пворшини. Ова ќе биде место за рекреација на штипјани, но и на сите наши граѓани во државата. Ќе биде можност за еден развој на градот во наредните години и децении, вели Заев.

Николовски посочи дека Истокот од заборавен и запоставен регион во минатото сега се претворa и се претвори во регион во којшто во буквална смисла на зборот се реализираат голем број на капитални инвестиции. Се спроведуваат проекти кои со години или со децении биле само на хартии, заглавени во бирократските административни лавиринти, а истите се од огромно значење за животот на сите граѓани.

– Реализацијата на овој проект е важен не само за штипјани туку за целиот македонски Исток. Целата процедура за изградба на браната започна кога бев министер за земјоделство, а кога Благој Бочварски беше градоначалник на Штип и кога првин ги искористивме можностите на Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за рурален развој да ги одглавиме сите овие постапки и процедури и да ја трасираме и браната и овој проект на правиот пат, рече Николовски.

Забележа дека во овој регион се гради уште една брана во Кочанско, што како инфраструктурен проект чини над 30 милиони евра.

Министерот Бочварски истакна секоја претходна Влада и секоја претходна општинска администрација овој проект го имаше само како идеја или проект на хартија, но на крајот не исполнето предизборно ветување. Но, како што рече, за граѓаните на Штип денеска оваа брана е суштинска потреба.

– Оваа Влада и тимот од локалната самоуправа Штип покажа храброст и решителност потрошивме многу часови и денови, но со голем ентузијазам, енергија и верба почнавме полека да го трасираме патот на сегашната реализација. Изготвивме основен проект, се направија ревизија на проектот студија за животна средина, изработивме ДУП преку општината ги обезбедивме сите согласности од државните институции за на крај да добиеме и поддршка од Владата и да се обезбедат средства за изградба од државниот буџет преку Министерството за транспорт и врски и да добиеме одобрение за градење, рече Бочварски.

Прашан дали е извршена експропријација на земјиштето, Бочварски со одговор дека на делот каде што се гради браната е извршена, додека во делот каде по изградбата треба да се полни не е, но во наредните две и пол години министерството и општината ќе ај завршат и оваа постапка.

Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов рече дека изградбата на браната ќе отвори и можности за поголем развој, но и инфраструктурно поврзување и на населбите Суитлак и Блок 2000.