Мостот над реката Пчиња, на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, познат како „Искрин мост" од вчера е затворен за сообраќај. На мостот има песок кој спречува возилата да се движат од двете страни. Граѓаните кои живеат во околината на селата Орашац, Градиште и останатите села мора да се движат по алтернативен пат кај село Шупли Камен, но велат дека овој селски пат е оштетен и нема сигнализација. Жителите од овие села реагираат дека без претходно предупредување е затворен мостот, чија санација почна минатата година.
– Синтек Инженеринг ДООЕЛ известува дека согласно одобрението за затворање на сообраќај со број 11-3431/4 од23.07.2021 година, заради санациони работи, мостот над река Пчиња, (Доброшане) во наредните 100 дена ќе биде затворен за сообраќај. Се поставува сигнализација која ќе го регулира сообраќајот од и кон Куманово, соопштија вчера надлежните.
Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски информираше дека контактирал со надлежните од јавното претпријатие за државни патишта од каде го известиле дека поради отстапувања морале да донесат одлука за затворање на мостот.
– Претходно добиле согласност од Министерството за транспорт и врски и од МВР да се затвори мостот за период од 100 дена. Побарав од ЈПДП да обезбедат алтернативен премин за да не останат отсечени од градот жителите од селата на другата страна на мостот. Ние ќе ја ставиме на располагање целокупната механизација која ја имаме за алтернативен пат, рече Димитриевски
Од Министерството за транспорт и врски денеска информираа дека заради целосна реконструкција на мостот, на барање на надзорниот орган и на изведувачот, мостот во наредниот период ќе биде затворен за сообраќај, потенцирајќи дека Министерството за транспорт и врски и МВР издале времен режим за сообраќај, со кој мостот ќе биде наредните 100 дена.
Мостот над Пчиња е еден од најдолгите во државата 335 метри изграден пред 50-тина години. Последнава деценија беше во исклучително лоша состојба. Санацијата почна во јуни лани, а рокот за изградба е до јуни 2022 година, но надлежните во неколку наврати посочија дека ќе се реконструира предвреме.