На подрачјето на Општина Битола, од утре сè до 30 јули ќе се реализира втората фаза од превентивната систематска дезинсекција за уништување на комарците на подрачјето на општината.
Од ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола информираа дека дезинсекцијата ќе се врши на зелените површини на целото градско подрачје
– Акцијата се врши врз основа на одлука донесена од Советот на Општина Битола за спроведување на превентивна систематска дезинсекција на територијата на град Битола, како општа противепидемиска мерка. Запрашувањето ќе се врши пет денови, во периодот од 20 до 2 часот по полноќ, со апаратура за УЛВ ладно запрашување поставена на пикап-возило. Со оглед на тоа дека активностите ќе се изведуваат во вечерните часови, на возилото со апаратурата за дезинсекција ќе му предходи друго возило означено со ротационо светло. Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени зелените површини на целото градското подрачје и периферијата на градот, предвидени со оперативниот план и програма, соопштуваат од ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола.
За активностите од страна на ЈЗУ ЦЈЗ Битола известени се и здруженијата на пчеларите чии пчелни семејства се одгледуваат во опфатот каде ќе се врши дезинсекцијата.