Американското воено воздухопловство овој месец ќе испрати повеќе од 20 борбени авиони Ф-22 на вежба во Западен Пацифик.

Аналитичарите проценуваат дека ова невообичаено масовно распоредување моќни авиони на американското воено воздухопловство ќе послужи за испраќање силна порака до Кина, јави Си-Ен-Ен.

Американските пацифички воздухопловни сили, со седиште на Хаваи, објавија дека околу 25 авиони Ф-22 Раптор ќе бидат распоредени овој месец на островите Гуам и Тинијан, за операцијата „Pacific Iron 2021".

– Никогаш не сме имале толку многу „Раптори" во оперативната зона на пацифичкото воено воздухопловство, изјави за Си-Ен-Ен генерал Кен Вилсбах, командант на пацифичкото воено воздухопловство.

– Ангажманот на голем број Ф-22 за учество во маневрите е силна порака до Кина во време кога односите меѓу двете земји се затегнати околу невралгичните точки на Пацификот – Тајван и Јужното Кинеско Море, рече Карл Шустер, воен аналитичар од Хаваи и поранешен директор на операции Заедничкиот разузнавачки центар на американската пацифичка команда.

Тој потсети дека обично се распоредени шест до 12 авиони Ф-22 Раптор.

– Пацифичкото воено воздухопловство сака да демонстрира дека е во можност да ангажира повеќе борбени авиони од петта генерација за краток временски период отколку што има вкупно Кина, истакна Шустер.

Тој процени дека кинеското воено воздухопловство има околу 20 до 24 оперативни „ловци" од петтата генерација, но посочи дека можностите на Пекинг брзо се подобруваат.


Администратор
26/07/2021 13:12