Граѓанската организација „АктивУм“ од Куманово во партнерство до организации од Шпанија, Грција, Литванија и Полска, изработија водич за донесување одлуки за лицата со интелектуална попреченост, родителите, терапевтите и обучувачите. Водичот е достапен на седум јазици и е дел од Еразмус проектот „Одлучувач“ кој се фокусира на подготовка на методологија за поддржано донесување одлуки на лицата со посебни потреби за учење, соопштија денеска од „АктивУм“.
Целта на публикацијата е да понуди знаења за поддржувачите на лица со посебни потреби за учење за поддржаното донесување одлуки и неговото влијание врз квалитетот на нивниот живот.
– Собирањето интервјуа беше на теми: едукација, вработување, врски, независно живеење, менаџирање со пари … При спроведувањето на интервјуата наидовме на многу прашања кои беа поврзани со постоечките можности за донесување одлуки, области од животот каде што се неопходни одлуки, волја за донесување одлука и преземање одговорност, познати проблеми и бариери, користени методи, начин на давање поддршка, правна состојба итн. Интервјуата се наменети за лицата со попреченост, нивните родители и семејства и терапевти и обучувачи. Избран психолог и адвокатот ги коментираа случаите за сите засегнати страни да имаат информации за тоа како да се избегнат проблеми, да се справат со тешка ситуација или имаат позитивен став кон животот-изјави Марија Тошева од „АктивУм“.
Водичот вклучува корисни информации за моменталната состојба со поддржаното донесување одлуки (ПДО) во секоја земја-партнер, опис на приказни (корисници на услуги, родители, поддржувачи) и коментари на приказните од адвокат и психолог. Методологијата опфаќа анализа на основните елементи и добрите практики на поддржаното донесување на одлуки и нивно капитализирање на систематски начин – универзален процес кој треба да биде вкоренет во структурите за испорака на услуги.
– Секој партнер спроведе три интервјуа по една група (возрасни лица со посебни потреби, родители, обучувачи). Партнерите обезбедија интервјуа кои се однесуваа на различни проблеми, опфаќајќи ги сите области на поддржаното донесување одлуки. Интервјуата со возрасни лица со попреченост беа спроведени според сите правила и мерки за Ковид 19 како и заштита на информации-појаснува Тошева.
Проектот почна во ноември 2020 и ќе трае до мај 2023 година, а е поддржан од Еразмус + програма, К2 акција стратешко партнерство – образование на возрасни.