Во Берово продолжува реализацијата на проектите за подобрување на патната инфраструктура.
После долги години улиците ,,5” и ,,Ѓорѓи Димитров” добија асфалт, активност преку која како што информираат од Општината се решава децениски проблем за жителите од овие улици.
-Жителите од овој дел од градот, конечно, по долги години добиваат соодветна патна инфраструктура. Се асфалтираат двете улици и крак од истите, во вкупна должина од околу 340 метри, широчина 6 метри, со поставување на ивичници и уредување на тротоар на одредени места, информираа од Општината.
Градоначалникот Звонко Пекевски кој изврши увид во завршните градежни активности истакна дека на негово големо задоволство, општината продолжува да ги реализира ветените проекти со кои се решаваат значајни проблеми и кои влијаат на подобрување на квалитетот на живеење на жителите од Берово.
-Се работи за населени улици, кои честопати се истакнувани како приоритети, на средбите со граѓаните и кои никогаш не биле асфалтирани. Со тоа интензивно се подобрува патната инфраструктура во Берово, при што во тек е реконструкција, изградба и доградба на повеќе улици, како во градот, така и во населените места, додаде Пекевски.
Сретствата во износ од 3,2 милиони денари за реконструкција на овие улици се обезбедени од општинскиот Буџет за 2021 година. вс/са/