Триесеттина реномирани уметници од земјава и светот од денеска до 31 овој месец ќе творат во Струга и околината на 6. Меѓународен ликовен симпозиум „Струга 2021“.

Манифестацијата е во организација на Здружението за уметност и култура „SILINDAR’T“, а финансиски е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Куратори на симпозиумот се уметниците: Теута Хоџа Имери и Берат Зулбехари заедно со координаторите: Верим Зендели, Кристина Затуровска, Вјоса Положани и Јелдез Асани историчар на уметност.

Убавините на Струга, како што соопшти организаторот, ќе ги преточат на платно уметници од Турција, Азербејџани, Казакстани, Украина, Босна и Херцеговина, Германија, Италија, Србија, Мали и Зи, Косово, Албанија и Северна Македонија.

-Со различни форми на уметнички изразувања ќе креираат и ќе уживаат во природните убавини на Струга и Охрид и нивното гостопримство. Овој меѓународен ликовен симпозиум ќе се организира во прекрасна средина, со поглед кон Охридското Езеро, што ќе биде голема инспирација за уметниците да создаваат што поубави уметнички дела, соопшти претседателот на „SILINDAR’T“, Бурхан Ахмети.

Планирано е одржување на тркалезна маса со сите учесници, каде, како што информира Ахмети, ќе се дискутира за состојбата на ликовната уметност воопшто, за предностите и недостатоците на ликовните симпозиуми и колонии, како и ќе бидат усвоени конкретни заклучоци и препораки.

Стружани и гостите, според информацијата, ќе имаат можност да ги следат уметниците во креирањето на своите дела. Последната вечер, на 30 јули на шеталиштето покрај реката Црн Дрим ќе биде организирана изложба со делата реализирани во текот на ликовниот симпозиум.