Обилните дождови во јануари годинава, ги поткопале темелите на „Искрин Мост“ и на барање на изведувачот поради безбедносни причини мостот на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, е затворен за сообраќај, информираа денеска надлежните од Јавното претпријатие за државни патишта.
Оттаму појаснуваат дека стручните лица кои учествуваат во санацијата на мостот по теренските увиди заклучиле дека мостот мора да биде затворен за сообраќај.
– Во поплавата во јануари 2021 година дојде до поткопување на темелите на „Искрин мост“ и затоа на барање на изведувачот од месец јануари до сега неколку пати стручни лица кои учествуваат во санацијата на мостот излегоа на терен, и заклучија дека мостот заради безбедносни причини мора да биде затворен за сообраќај, информираат од ЈПДП.
Мостот останува затворен за сообраќај наредните 100 дена.
– Искрин мост е затворен за секаков вид на сообраќај поради тоа што еден од столбовите означен како С5 е во лабилна состојба, односно има хоризонтално поместување од 70 цм и секаков вид на потрес, движење на тешки товарни возила, земјотрес или поплава може да доведе до рушење на столбот. Мостот е првично затворен за сообраќај за 100 дена, за кое време е предвидено да се санира столбот С5, информираа од ЈПДП.
Затворањето на мостот предизвика реакции кај јавноста и особено кај населението од неколку села лоцирани зад мостот. Тие бараа алтернативни патишта за да не останат отсечени од Куманово.
– До санацијата на столбот, тешките товарни возила кои сообраќаат за Свети Николе се пренасочени по автопатот А4 Миладиновци – Свети Николе – Штип, додека за локален транспорт на лесни возила и земјоделска механизација изведувачот на работите обезбедува локален пат за премин преку река Пчиња. По завршување на санација на столбот С5, повторно ќе биде воведен времен режим на сообраќај како што беше и претходно со семафорско решение или движење на возилата по една страна на мостот се до целосната санација на мостот, велат од ЈПДП.
Реконструкцијата на мостот, информираа од ЈПДП треба да заврши до август 2022 година, досега санирани се 65 проценти од предвидените санациони активности.
Мостот над Пчиња познат како „Искрин Мост“ е еден од најдолгите во државата-335 метри, изграден пред 50-тина години. Последнава деценија беше во исклучително лоша состојба. Реконструкцијата почна во јуни, лани.