Општина Кочани доби максимална поддршка од програмата Општинско корисна работа и вкупно 24 лица од септември ќе бидат вклучени во шест различни активности.
Локалната самоуправа конкурираше со два проекта што беа прифатени како добро подготвени. Стручните служби известуваат дека новина во Општинско корисна работа од оваа година е што необучените даватели на услуга треба да ја поминат обуката во рок од три месеци. Таа ќе биде овозможена и платена преку програмата, а веќе обучените ќе работат девет, наместо шест месеци.
– Во првиот проект „Поддршка“ побаравме тројца образовни асистенти во средно образование, осум негуватели на деца во градинка, тројца лични асистенти како негуватели за лица болни од алцхајмер, мултиплекс склероза и деменција, две лица како дел од тим за психосоцијална поддршка и уште две лица даватели на услуги во Центарот за донации. УНДП ги поддржа сите побарани лица, истакна Аника Илијевска-Ѓоргиева, координаторка на проектите.
Вториот проект – „Нега“ вклучува шест лица како негуватели на лица со попреченост. Тој е со целосна поддршка од Швајцарската агенција за развој, а даватели на услуги се Роми и лица со попреченост.
Огласите за работно ангажирање ќе бидат објавени на 3 август, а обуката, односно работата ќе почне од септември.
Општина Кочани осма година е дел од програмата Општинско корисна работа, преку која се испорачуваат услуги за илјадници корисници од различни целни групи. Програмата е финансирана од УНДП, а поддржана од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување.