Почнаа активностите за регулација на речното корито на река Брегалница во Делчево. Од општината информираат дека првата фаза од проектот ќеапочне со изградба на попречни прагови во коритото на река Брегалница.

-Економскиот оператор, градежните работи во коритото на реката, треба да ги заврши заклучно со 30 ноември оваа година. Вредноста на работите е 910 илјади денари, односно еден милион денари со вклучен ДДВ, а средствата за реализација на овој Договор се обезбедени од Министерството за животна средина преку програма за управување со водите, во износ од 800.000 денари. Останатиот дел од паричните средства се обезбедени од општинскиот буџет, информираа од Општината.

Согласно одобрените и обезбедените средства од Општина Делчево, како што додадоа, ќе се изведе дел од основниот проект за регулација на речното корито на река Брегалница, низводно од регулираното корито, преку изведба на три попречни прагови од габиони.

-Со оваа интервенција, ќе бидат стабилизирани дното на минор и мајор коритото, што ќе придонесе реката да не врши дополнително поткопување при евентуални поплавни води. Со стабилизација на коритото на тој дел од регулацијата дополнително ќе биде заштитен и новиот пешачки мост, додадоа од Општината

Должината на градежните работите кои ќе се изведуваат во речното корито е во должина од околу 300 метри.