Градежни активности за уредување на улицата „Александар Бел“ во новата станбена населба „Мрзенски рид“ кај Гевгелија, почнаа со подготвителни работи на улицата која ќе биде главна сообраќајница во населбата, потврдија денеска од надлежната служба на Општина Гевгелија.
– На улицата со должина од 850 метри и два крака од по 110 метри, почна расчистувањето на трасата од нискостеблести растенија и нејзино обележување и обезбедување. Првата фаза од изградбата предвидува и уредување на долниот строј од улицата, велат од Општината.
Покрај ова, градоначалникот Сашо Поцков најави дека наскоро во селото Мрзенци ќе започне и изградбата на главната улица „Методија Андонов – Ченто“.
– Двата проекта се дел од четирите капитални проекти кои ќе ги реализираме за подобрување на патната инфраструктура во општината.Паралелно со нив во Гевгелија ќе се одвива изградбата на улицата „Свети Климент Охридски“, во продолжение на западниот булевар како и на улицата која од кај мотелот на реката Вардар ќе го поврзе градот Гевгелија со граничниот премин „Богородица“, рече Поцков.